Коскено-мускулниот систем кај децата во развој под влијание на внатрешните и надворешните фактори е подложен на различни деформации. Наследниот фактор и лошото држење на телото, претешките училишни торби, несоодветното и долго седење на училиште и дома, недоволната физичка активност доведуваат до нарушување на статиката на ’рбетниот столб, што резултира со појава на сколиози и кифози. Наглиот раст во периодот на пубертет влијае неповолно на развојот на веќе присутниот деформитет. Кај повозрасната популација, најчеста причина за појава на деформитети на `рбетниот столб е остеопорозата. Деформитетите може да бидат и вродени, може да се појават како резултат на траума или како последица на хируршка интервенција.

Сколиози и кифози

Сколиозата е странично искривување на ’рбетниот столб, кој создава кривина во облик на буквата С или S. Не секогаш има надворешни видливи знаци на деформитетот, но детето се жали на болка во торакалниот и лумбалниот дел од грбот при подолго стоење. Етиологијата често е непозната (идиопатска), а голем удел имаат секојдневните навики на лошо држење на телото.
Како што болеста напредува, болката во грбот станува поинтензивна. Деформитетот може да врши притисок на некои нерви, на `рбетниот мозок, што може да доведе до слабост, вкочанетост и болка во долните екстремитети. Во ретки случаи може да дојде до деформирање на градниот кош, што резултира со проблеми со дишењето, замор па дури и срцева слабост.

Симптоми кои најчесто се забележуваат:

  • Несиметрични рамења и слабински бразди
  • Испакнување на едната или двете плешки
  • Спуштено рамо и карлица
  • Грпка на едната страна на грбот

Третман: Третманот на сколиозата кај децата во раст зависи од аголот на искривување на ‘рбeтниот столб кој се мери на панорамска рендген снимка. Доколку аголот е до 25 степени, тогаш се применуваат одредени вежби за подобрување на држењето на телото и редовен мониторинг на промените. При агол од 25 – 40 степени се оди кон апликација на еластични појаси или пластични корсети во комбинација со соодветни вежби и при агол поголем од 40 степени деформитетите се лекуваат хируршки.

Што е кифоза?

Кифозата или подгрбавеноста е зголемување на кривината во градниот дел од ’рбетниот столб. Посебно е воочлива при седење и ја следи завиеност на обете рамења нанапред. Често е последица на наглото растење на децата, лоша положба при седење и слаба стомачна и грбна мускулатура.

Кифозите во периодот на адолесценција најчесто се појавуваат како резултат на одредени нарушувања во растот. Кај повозрасната популација, најчеста причина за појава на кифоза е остеопорозата. Кифозите може да бидат и вродени, може да се појават како резултат на траума или како последица на хируршка интервенција.

Првиот чекор вклучува специјализирани вежби, носење специјални протези со кои се намалува болката, физиотерапија. Доколку причина за кифозата е остеопороза, тогаш треба да се контролира со цел да се забави процесот на искривување на ’рбетот.

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *